Паритет на куповна моќ — Википедија Прејди на содржината

Паритет на куповна моќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
БДП по глава на жител усогласен со паритетот на куповна моќ (ПКП) во светот (2014)
Усогласен паритет на куповна моќ на земјите во 2003 г. Американското стопанство служи како основа, со индексна вредност од 100. Бермуда има највисока индексна вредност (154) - стоките во Бермуда се поскапи отколку во САД.

Паритетот на куповна моќ или ПКМ (англиски: purchasing power parity, PPP) е теорија на долгорочна рамнотежа во девизниот курс врз основа на релативните нивоа на цените во две земји. Идејата за првпат се појавила во Саламанканската школа во Шпанија во XVI век,[1] а современиот облик го добила во 1918 г. во делото на економистот Густав Касел.[2] Оваа замисла се заснова на законот за една цена, кој вели дека во отсуство на увозно-извозни трошоци, еден производ ќе има иста цена на различни пазари.

Формулирање на ПКМ

[уреди | уреди извор]

Кога законот за една цена ќе се примени не врз основа на цената на еден производ, туку врз основа на индексите на цените на земјите, се добива паритетот на куповните сили. Оттука, според оваа теорија, разликата меѓу индексите на цените меѓу две земји се должи на релативната вредност на нивните валути. Оттука, математички, формулата за пресметка на ПКМ е слична со формулата на законот за една цена, само што под поимот цена се зема индексот на цените.

Концептот на ПКМ се јавува во две верзии: апсолутна и релативна. Во апсолутната верзија, девизниот курс е еднаков на односот меѓу цените во двете земји (релативните цени) при што се мисли на цените на истите производи (иста потрошувачка кошничка). Од друга страна, релативната верзија вели дека промената на девизниот курс е еднаква на односот меѓу промените на индексите на цените во двете земји (релативните стапки на инфлација). Оттука, бидејќи производите во двете земји не се еднакви, релативната верзија има поголемо значење во праксата. Истовремено, ако важи апсолутниот ПКМ, во тој случај автоматски важи и релативниот ПКМ. Меѓутоа, апсолутниот ПКМ не е услов за важење на релативниот ПКМ.[3][4]
Апсолутниот ПКМ може да се претстави со следнава формула:[3]

P = (Pf) x S, каде: S - сегашен девизен курс, P - домашни цени, Pf - странски цени.

Релативниот ПКМ се изразува на следниов начин:[3][5]

(1+i) = (1+if) x (1+s), каде: i - домашна стапка на инфлација, if - странска стапка на инфлација, додека s - стапката на промена на девизниот курс.

Оттука, релативниот ПКМ може да се изрази и со следнава формула:

E(S)S = (1+i)(1+if)

Со други зборови, релативната верзија на ПКМ вели дека очекуваната промена на девизниот курс е еднаква на односот меѓу домашната и странската инфлација. Притоа, ако домашната инфлација е повисока од странската, тогаш девизниот курс ќе расте, т.е. домашната валута ќе депрецира (еквивалентно: странската валута ќе апрецира). Ако пак странската инфлација е повисока од домашната, тогаш девизниот курс ќе се намали, т.е. домашната валута ќе апрецира (странската валута ќе депрецира).

Ограничувања на ПКМ

[уреди | уреди извор]

Главните причини кои го попречуваат важењето на ПКМ се:[6]

  • висината на даночните стапки е различна меѓу земјите, предизвикувајќи отстапување од апсолутниот ПКМ
  • транспортните трошоци можат да биде многу високи и да ја попречуваат арбитражата, а тоа се одразува врз ПКМ
  • вкусовите и навиките на потрошувачите во одделни земји се различни, поради што цените на истите производи можат да се разликуваат од една до друга земја
  • постојат разлики во составот на потрошувачката кошница во меѓу одделни земји
  • разликите меѓу цените можат да произлегуваат и од различниот квалитет на производите, а тие се мерат тешко.

Најчесто емпириските тестови на ПКМ се спроведуваат врз основа на реалниот девизен курс, бидејќи ако важи ПКМ, тогаш реалниот девизен курс ќе биде константен. Меѓутоа, прецизноста на овие тестови е ограничена поради неколку причини: компонентите и пондерите на потрошувачките кошници меѓу одделни земји се разликуваат; неразменливите стоки можат да бидат важна компонента во цените на стоките; најпосле, зради разни прични, во праксата, цените на стоките се менуваат бавно. Оттука, повеќето испитување ја отфрлаат апсолутната верзија на ПКМ. Исто така, повеќето тестови покажуваат дека реалните девизни курсеви не се константни, што значи дека не важи ниту релативната верзија на ПКМ. Сепак, се смета дека овие емпириски резултати не се доволни за целосно отфрлање на ПКМ, т.е. се смета дека ПКМ не важи на кус рок, поради дејството на бројни фактори, меѓутоа ПКМ дава важни информации за движењето на девизните курсеви на долг рок.[7]

Пресметката на девизниот курс според ПКМ е спорна поради потешкотиите што се јавуваат при наоѓањето на споредливи потрошувачки кошници за да се спореди куповната моќ во различни земји. Проценувањето на паритетот на куповна моќ е усложнето поради фактот што земјите не се разликуваат рамномерно по ниво на цените - разликата во цената на храната може да биде поголема од разликата на цената на становите, а помала од разликата во цената на културно-забавните настани. Потрошувачката кошница не ги содржи истите стоки во секоја земја. Затоа неопходно е да се спореди трошокот на кошниците со стоки и услуги користејќи индекс на цени. Ова е тешка задача бидејќи луѓето во разни земји имаат разни потрошувачки навики, а на пазарот се нудат поинакви стоки. Затоа потребно е да се изврши усогласување за сметка на разликите во квалитетот на стоките и услугите. Дополнителни потешкотии се јавуваат при вршењето на мултилатерална споредба на повеќе од две земји. Кога се вршат споредби на земји долж извесен временски период, треба да се земат предвид и последиците од инфлацијата.

Отстапувањето од теоријата произлегува од разликата во куповната моќ на „потрошувачката кошница“ во разни земји. Земјите можат да се споредуваат само ако претходно бруто-домашниот производ и другите статистики за приходите се „усогласат со ПКМ“ и се претворат во заеднички единици. Ова усогласување честопати се врши со меѓународниот долар (наречен и „Гири-Камисов долар“). Промените на реалниот девизен курс претежно се должат на различните стапки на инфлација во земјите. Освен оваа променливост, можат да се забележат и доследни отстапувања на пазарот и девизниот курс усогласен со ПКМ. На пример, цените (по пазарен девизен курс) на нетрговските стоки и услуги се обично пониски во земјите со пониски примања (доларот разменет и потрошен во Индија може да плати за повеќе потстрижувања отколку доларот потрошен во САД).

Усогласување на ПКМ според БДП

[уреди | уреди извор]

Девизниот курс ги одразува трансакциските вредности на трговските стоки помеѓу земјите, за разлика од нетрговските стоки, т.е. стоките што се за домашна потрошувачка. Со девизи се тргува не само за набавка на трговски стоки и услуги, туку и за други цели, како набавка на основни средства чии цени варираат повеќе од оние на физичките стоки. Исто така, различните каматни стапки, шпекулации, оградување или интервенции од централни банки можат да повлијаат врз пазарот на девизи.

Мошне познат и наведуван извор на усогласувања со ПКМ е Пенсилваниската трговска табела (Penn Trade Table). Таканаречениот „Пен-ефект“ е израз на оваа системска наклоност во девизниот курс на земјите. На пример, ако вредноста на мексиканскиот пезос се намали за половина во споредба со американскиот долар, со тоа ќе се намали и БДП на Мексико изразен во долари. Меѓутоа овој девизен курс е меѓународната трговија и пазарите на финансии. Со ова не мора да значи дека Мексико е посиромашно за половина. Ако приходите и цените измерени во пезоси останат исти, можеме и да претпоставиме дека увозните стоки не се од суштинско значење за квалитетот на животот во земјата. Овој проблем при споредбата на приходите во разни земји се избегнува користејќи курс усогласен со ПКМ. Девизниот курс според ПКМ е особено корисен кога владите го манипулираат официјалниот курс со цел да држат вештачки силна валута. За разлика од ова, курсот на црно е вештачки слаб. Во вакви случаи, курсот според ПКП е најверодостојна основа за економска споредба.

Може да постојат значајни разлики помеѓу приходите усогласени со ПКМ и оние претворени преку пазарниот девизен курс.[8] На пример, во извештајот „Показатели на развојот во светот 2005“, Светската банка проценува дека во 2003 г. еден меѓународен долар бил рамносилен на 1,8 кинески јуани по паритет на куповна моќ,[9] што е многу поразлично од номиналниот курс. Оваа недоследност игра голема улога. На пример, претворено по номиналниот курс, БДП по глава на жител во Индија изнесува околу 1 100 долари, додека пак истото пресметано врз основа на ПКМ изнесува околу 3 000 долари. Ова значи дека според номиналниот курс, Индија е единаесетта економија во светот по големина, но усогласено со ПКМ, таа е на четврто место. Во друга крајност, номиналниот БДП по глава на жител на Данска изнесува околу 62 100 долари, но со ПКМ изнесува само 37.304 долари.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Alan M. Taylor and Mark P. Taylor, „The Purchasing Power Parity Debate“, NBER Working Paper No. 10607, 2004. (online).
  2. Gustav Cassel, „Abnormal Deviations in International Exchanges“, Economic Journal, 28(112), December, 1918, 413-415.
  3. 3,0 3,1 3,2 J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 123.
  4. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 214-215.
  5. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 217.
  6. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 124.
  7. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 124-125.
  8. FT.com / World - China, India economies ‘40% smaller’:By Scheherazade Daneshkhu in London Published: December 18 2007 18:04
  9. Показатели на развојот во светот за 2005: Табела 5.7 | Релативни цени и девизен курс Архивирано на 23 февруари 2007 г. (англиски)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]