Меѓународна асоцијација за развој — Википедија Прејди на содржината

Меѓународна асоцијација за развој

Од Википедија — слободната енциклопедија

Меѓународна асоцијација за развој (англиски: International Development Association, IDA) — меѓународна организација за финансирање на развојот која е дел од групата на Светската банка.

Историјат

[уреди | уреди извор]

Меѓународната асоцијација за развој е основана во 1960 година, како фонд со кој управува Светската банка. Затоа, само земјите кои се членки на Светската банка можат да бидат примени во членството на ИДА. ИДА има 159 членки. Кредитите што ги одобрува ИДА се наменети за многу сиромашните земји во развој (чиј БДП по глава на жител е помал од 926 долари.) кои не би биле во можност да ги искористат кредитите под условите под кои ги одобрува Светската банка. Кога била основана Светска банка, нејзината задача била да помогне во обновувањето на Европа по нејзиното уништување во Втората светска војна. По обновата на Европа, Светската банка се свртела кон земјите во развој, но во доцните 1950-ти години станало јасно дека најсиромашните земји не можат да позајмат капитал под условите на Светската банка. На иницијатива на САД, група земји-членки се согласиле да основаат агенција која ќе дава заеми на многу сиромашните земји по многу поволни услови. Така била создадена ИДА.

Членство

[уреди | уреди извор]

Според статутот на ИДА, постојат две категории на членство: првата ги вклучува побогатите земји, а втората - земјите во развој. На заемите кои ги одобрува ИДА не се плаќа камата, т.е. на нив се плаќа само годишна административна такса од 0,75%.

ИДА има 173 земји-членки кои плаќаат придонеси на секои три години, како надополнување на нејзиниот капитал. На 12 декември 2008 година, Самоа станала нејзина 173-та членка.[1] ИДА им позајмува средства на 75 земји од кои над половина (39) се во Африка. Членството во ИДА е достапно само за земјите кои се членки на Светска банка.[2] Во текот на постоењето на ИДА, 44 земји престанале да бидат позајмувачи, но 9 од нив подоцна повторно станале позајмувачи. За да можат да позајмуваат од ИДА, земјите се оценуваат според нивната сиромаштија и недостигот на кредитна способност за комерцијално и зајмување од ИБРД. ИДА ги проценува земјите врз основа на нивниот приход по глава на жител, недостатокот на пристап до приватните пазари на капитал и перформансите на политиките при спроведување на економски или социјални реформи за раст и борба против сиромаштијата. Заклучно со 2019 година, пристап до концесиските програми за позајмување на ИДА имале земјите со БДП по глава на жител помал од 1 145 американски долари.[3]

Финансирање

[уреди | уреди извор]

Во просек, ИДА одобрува заеми во износ од 6 милијарди долари годишно, и тоа за различни проекти за развој, особено оние кои се однесуваат на основните човекови потреби. Највисок приоритет е даден на проектите за развојот на земјоделството, подобрување на образованието, зголемување на производството на електрична енергија, проширување на телекомуникациска мрежа, модернизација на транспортниот систем и друга инфраструктура.[4] [5]

ИДА е најголемиот финансиер на развојните проекти во најсиромашните земји во светот. Од 2000 до 2010 година, ИДА финансирала проекти кои овозможиле вработување и обука на три милиони наставници, вакцинација на 310 милиони деца, а исто така таа им одобрила заеми на 120 000 мали и средни претпријатија во износ од 792 милиони американски долари. Понатаму, со проектите финансирани до ИДА биле изградени или обновени 118 000 километри асфалтирани патишта и 1 600 мостови, бил обезбедил пристап до вода на 113 милиони луѓе и биле подобрени санитарните јазли на 5,8 милиони луѓе.

Заемите на ИДА се многу концесиски, односно тие се со ниска или нулта каматна стапка. Условите на заемот се утврдуваат според задолженоста на земјата, нивото на БДП по глава на жител и кредитната способност за позајмување од Светската банка. Високозадолжените земји добиваат 100 % од својата финансиска помош во форма на грантови, а земјите со средно ниво на презадолженост добиваат 50 % во форма на грантови. Другите земји имаат пристап до кредити со редовни услови или со комбинација на 40-годишна и 30-годишна рочност. Малите држави добиваат кредити со рок на достасување од 40 години. Во фискалната година што завршува на 30 јуни 2020 година, заемите на ИДА достигнале вкупно 30,5 милијарди долари, од кои 26 проценти биле обезбедени како помош. Во периодот 1960-2020 година, ИДА одобрила заеми на 114 земји во износ од 422 милијарди долари. Во фискалната 2020 година, најголеми корисници на заемите на ИДА биле: Нигерија (2,58 мрд. долари), Бангладеш (2,26 мрд. долари), ДР Конго (1,64 мрд. долари), Пакистан (1,47 мрд. долари), Етиопија (1,05 мрд. долари), Танзанија (950 мил. долари), Непал (949 мил. долари), Кенија (943 мил. долари), Сомалија (903 мил. долари) и Мјанмар (900 мил. долари). ИДА финансира проекти во следниве области: основно образование, основни здравствени услуги, чиста вода и канализација, заштита на животната средина, подобрувања на деловната клима, инфраструктура и институционални реформи. Така, во фискалната 2020 година, 41 % од заемите на ИДА биле во секторот на социјалните услуги, 28 % во инфраструктурата, 14 % во јавната администрација, 9 % во индустријата и трговијата и 7 % во земјоделството. Покрај тоа, ИДА ги советува владите за начините на зголемување на економскиот раст и борбата против сиромаштијата.[6]

ИДА19 е програма за забрзување на напредокот кон основните цели на Светска банка и целите за одржливиот развој. ИДА19 се фокусира на пет специјални теми: климатски промени; кревкост, конфликт и насилство; родови односи; управување и институции; и работни места и економска трансформација. Исто така, ИДА19 вклучува четири прашања: долгот, попреченоста, човечкиот капитал и технологијата. Пакетот за финансирање ИДА19 содржи 82 милијарди долари, расположливи во периодот од 1 јули 2020 година до 30 јуни 2023 година.[7]

Финансиска политика за одржлив развој

[уреди | уреди извор]

Од 1 јули 2020 година, сите земји на ИДА се вклучени во Финансиската политика за одржлив развој (СДФП) која ја заменила политиката за неконцесивно позајмување, воспоставена од 2006 година за решавање на проблемите со надворешниот јавен долг. Целта на СДФП е поттикнување на земјите за одржливо позајмување и поттикнување на координацијата помеѓу ИДА и другите кредитори. Политиката има два столба: (1) Програмата за зајакнување на одржливоста на долговите (ДСЕП) чија цел е да им помогне на земјите да се справат со ранливоста на долгот; и (2) Програмата за пристап до доверители (PCO) чија цел е да се олесни споделувањето информации, дијалогот и координацијата меѓу доверителите за да се помогне во справување со ризиците поврзани со долговите.[8]

  1. International Development Association, „What is IDA?“, World Bank Group.
  2. World Bank Group, „Member Countries“, World Bank Group.
  3. International Development Association, „IDA Eligibility, Terms and Graduation Policies“, World Bank Group, 2001.
  4. Abhijit Banerjee, „An evaluation of world bank research, 1998 – 2005“, State University Chicago, September, 2006, p. 87.
  5. ida.worldbank.org (пристапено на 21.12.2020)
  6. ida.worldbank.org ida.worldbank.org (пристапено на 22.12.2020)
  7. ida.worldbank.org (пристапено на 20.12.2020)
  8. ida.worldbank.org (пристапено на 20.12.2020)