Влашки јазик — Википедија Прејди на содржината

Влашки јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија
Влашки јазик
armãneashce, armãneashti, rrãmãneshti.
Застапен воГрција, Албанија, Романија, Македонија, Србија, Бугарија и Турција.
Говорници123.000 (без датум)[1] до 250.000  (1997)[2]
Јазично семејство
ПисмоЛатиница (Влашка азбука)
Статус
Службен воПризнат како малцински јазик во делови од:
Македонија Македонија [3]
Албанија Албанија
Јазични кодови
ISO 639-2rup
ISO 639-3rup
Linguasphere51-AAD-ba

Влашки јазик (аромански; изворно: armãneashti или armãneshce) — јазик од источната подгрупа од романските јазици кои се зборуваат на Балканот. Истиот поим се користи за дијалектите на романскиот јазик кои се зборуваат во Србија.

Историја

[уреди | уреди извор]

Овој јазик е формиран по латинизацијата на Балканскиот Полуостров со мешање на локалните јазици на античките народи на Балканот, особено на трако-илирскиот, епирскиот и тесалискиот. Во текот на вековите, ароманскиот јазик под влијание на грчката култура и јазик која била во подем на Балканот пред и по доаѓањето на Римјаните така што голем дел од лексичкиот состав на јазикот доаѓа од овој јазик. Основниот морфолошки и граматички состав на јазикот е секако сроден со останатите нео-латински (романски) јазици а во однос на лексиката, голем дел од латинската основа е слична.

Написот од иконата во Музакија, Албанија, 1731

Прашањето за одделноста на ароманскиот јазик од романскиот јасно е решено со одделувањето на двете популации јужно (Ароманците) и северно (Романците) кои биле латинизирани при навлегувањето на Римското Царство на Балканот. Доколку зборуваме за дијалекти на ист јазик, тогаш би морале да дојдеме до констатацијата дека овие два народи некогаш живееле заедно и зборувале ист јазик а се разделиле по доаѓањето на Словените (што е дел од наративот на политичката пропаганда на Романија). Скорешните генетски истражувања не одат во прилог на оваа теза.

За први регистрирани аромански (влашки) зборови се сметаат „torna, torna fratre!“ (товарот, товарот брате) изговорени за време на нападите на аварските племиња врз Византиското Царство во пределот на денешна Тракија (579-582 н.е.). Јазичарите кои биле свесни за постоењето и формата на ароманскиот јазик ја протолкувале оваа реченица како „товарот, товарот брате“ заради формата "rastoarnã" (глагол) и „torna“ (именка) кои на аромански (влашки) означуваат растовар и товар, но доколку се земе предвид латинската форма (и основа, како што и била протолкувана од Византијците) - реченицата би се протолкувала со глаголот торна (од лат. tornare) : „врати се брате врати се“.

За жал, пишаните извори на влашкиот јазик од поранешниот период (пред доаѓањето на Словените) се сосема мали, заради политичките пропаганди на двете најзаинтересирани држави за Власите - Грција и Романија. Се зборува и за одредени извори кои никогаш нема да нѝ бидат достапни, како пишаните дела на аромански (влашки) јазик од Св. Наум со словенски (кирилски) букви.

За врховно достигнување на аромански (влашки) јазик се смета т.н. „Москополски период“ наречен и прва ренесанса на влашкиот јазик. Тогаш ароманскиот (влашкиот) јазик го достигнува својот зенит: била отворена првата Академија на Балканот наречена „Нова Академија“, печатницата на Браќата Маркизи Пуљу, во црквите (околу 70 на број) се богослужело на аромански (влашки) јазик, познат е и преводот на најзначајните дела (Библијата и Псалтирот) а потоа и повеќе дидактички дела (од кои е зачувана PROTOPIRIA (Првоучение) на Теодор Анастас Кавалиоти со околу 1200 зборови со преводни еквиваленти на аромански (влашки), грчки и албански; NЕА PEDAGOGHIA (Νέα Παιδαγωγία, Нова педагогија) на Константин Укута како и TETRAGLOSSAR (гр.Τετραγλωσσάριο, Четиријазичникот) на Даниил Москополец - што е дел од ISAGOGHIKI DIDASCALIA (гр. Εισαγωγική Διδασκαλία, Воведно учение) каде покрај четиријазичниот лексикон на аромански (влашки), грчки, бугарски и албански; содржани се лекции од математика, природа и логика). За жал со спалувањето на Москополе во повеќе наврати од страна на сатрапот Али Паша Јанински, сите останати дела се забележани во библиографиите на пооделните ракописи.

Во времето пред отворањето на ароманските (влашките) училишта во Македонија (1864 година), останати се повеќе извори како: написот на црквата во Музакија, денешна Албанија со грчки букви, кој гласи: „Βίργιρε Μούμα-λ τουμνεζί ώρε τρέ νόϊ πεκετόσσλοιι“ (Virghirã, Muma-a Dumnidzãlui ora ti noi pecãtoshlji) што доаѓа од латинското: Vergine, Mater Dei, ora pro nobis peccatoribus. (Богородице, Мајко Божја пази на нас грешните). Написот е датиран од 1731 година. Потоа написот во црквата во Клиновос, Трикала, денешна Грција од 1789: ΙΝΤΡΑ ΜΠΑΣΙΑΡΕΚΑ ΚΟΥ ΜΟΥΛΤΑ ΠΑΒΡΙΕ. /ΤΡΙΑΜΠΟΥΡΑ ΛΟΥΝΤΑΛΟΥΪ ΜΑΡΙΑ ΚΟΥΜΝΙΚΑΤΟΥΡΑ./ΦΩΚΟΛΟΥ ΑΚΣΙ ΣΗ ΚΟΛΑΣΙΑ ΤΡΑ ΣΚΑΚΗ (Intra bisearicã cu multã/mod.mare/ puvrie. Treamburã lundalui marea cumnicãturã./Focolu a(c)shi di Colise si-scachi. (Влези во црквава со голем страв. Трепери за време на Светата Причест. Овој Огон (Христос) нека те спаси од Пеколот.) Во 1813 година, се издава првата ароманска граматика со име „Γραμματική ρωμανική ητοί βλαχική“ (Ароманска или влашка граматика) на аромански, германски и грчки јазик во Виена, од страна на Михаил Бојаџи (која подоцна ќе биде анатемисана од страна на грчката црква). Со отворањето на ароманските (влашките) училишта на Балканот почнувајќи од 1864 година со училиштето во село Трново, битолско, се зголемува бројот на кадрите за јазикот и тој ја добива својата конечна форма. Почетоците на училишната традиција ја започнува ароманскиот Архимандрит Аверќие кој одбира 12 момчиња од различните места на Балканот и го формира првото пост-москополско училиште со име „Дванаесет Апостоли“ во Букурешт, Романија. Овие училишта почнуваат да добиваат и поофицијална употреба со признавањето на Власите (Ароманците) од страна на турскиот Султан Абдулхамид Втори, кој на 23 мај 1905 го издава ферманот „ИРАДЕ“ со кој на ароманскиот елемент во европска Турција му се дозволува формирање свои општини со нивни поглавари - муктари, како и право на вероисповед (влашки јазик во црквите) и училишта. Со Коминикето од наредниот ден (24 мај) од страна на Великиот Везир Сафет-Паша на ароманските цркви ѝм се утврдува правото на постоење и на Цариградската патријаршија строго ѝ се забранува мешање во нивната работа.

Распространетост на влашкиот јазик

На крајот на 19 и почетокот на 20 век се пројавуваат бројни аромански писатели кои го унапредуваат јазикот. Меѓу нив најзначајни се: Никола Бацарија, Никола Вело, Јорји Мурну и др. Во овој период значајно е и печатењето на првиот официјален аромански речник од Штефан Михајлеану во 1901 година (во Букурешт), потоа речникот на Јон Даламетра од 1903 година (исто така во Букурешт) и капиталното дело Толковен и етимолошки речник на ароманскиот јазик печатен во 1953 година од Таќе Папахаџи (кој се смета за најзначаен и најобемен речник на ароманскиот јазик со романски и француски толкувања). Со почетокот на Балканските војни како и Светските војни, ароманските (влашките) училишта почнуваат да згаснуваат и конечно со завршувањето на Втората светска војна и воведувањето на мрачното доба на Комунизмот, ароманскиот елемент и јазик сосема изчезнува од политичките карти на Балканот. Со прекинувањето на железната завеса и симнувањето на комунистите од власт, странските пропаганди повторно почнуваат да вршат силна тензија (која претходно била оправдувана со Комунизмот) врз Власите (Ароманците) да го заборават засекогаш својот јазик.

Ароманскиот јазик подоцна ќе биде официјално кодифициран со одржувањето на Двата Интернационални Конгреси во Германија (Фрајбург) како и Меѓународниот Конгрес во Битола во 1997 година, кога се напушта пропагандистичката теорија на користење на романската азбука (која била користена дотогаш) и се формира нова азбука (врз основа на онаа на Михаил Бојаџи), правопис, а граматиката се задржува во истата форма предадена од Михаил Бојаџи.

Денес ароманскиот јазик како службен јазик се користи само во Република Македонија, и тоа на територијата на Општина Крушево.

  1. [1] Ethnologue report of maximum and minimum numbers
  2. [2] Council of Europe Parliamentary Recommendation 1333(1997)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]